Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) во рамките на инспекциска постапка утврдил дека на потегот меѓу хотелот „Далјан“ и домот за стари лица во изградба, на површина од 964 квадратни метри, на брегот на Охридското Езеро и во самото езеро, фрлен е градежен шут и насипана е земја од ископ на темели од непозната локација.
Во координација со Министерството за внатрешни работи пронајден е сопственикот на земјиштето и против него е покрената кривична пријава.
Со цел санирање на крајбрежјето, Инспекторатот поднел и информација за влијанието на нелегалното насипување земја и шут на брегот на езерото во населбата Далјан и за итно враќање на крајбрежјето во првобитната состојба.
„Имајќи го предвид мислењето на Хидробиолошкиoт завод од Охрид дека нелегалното насипување земја и шут на брегот од езеротo во населбата Далјан има негативно влијание врз Охридското Езеро, особено врз квалитетот на водата и седиментот, врз живиот свет во езерото, неговиот биодиверзитет, оплитувањето и други негативни последици на овој значаен акватичен екосистем, очекуваме Владата да ги задолжи Министерството за транспорт и врски и Општина Охрид да го отстранат насипот и да го санираат крајбрежјето“, соопшти ДИЖС.
До надлежното Јавно обвинителство Охрид, како што посочија, е доставена кривичната пријава за понатамошно постапување по случајот.