Драги Рашковски, поранешен генерален секретар на владата на Зоран Заев, во јануари годинава јавно објави диплома на ФБ. Дипломата, наградата за Драги Рашковски е златен медал од „Глобален Форум за Иновации“ во Кипар за негова иновација во областа на транспортот и сообраќајот, истакна на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Тој посочи дека наградениот проект на Рашковски „Сообраќаен контролен систем за возила и апарати, определување на просечна брзина и казни“.
-Според кусото експозе напишано од Рашковски при конкурирањето, а објавено на страната на Форумот, Рашковски е иноватор на интегриран систем од хардвер и од софтвер, за мерење на просечната брзина на возила, работи на соларна енергија, а е поврзан со ГПС. Системот ги чита и следи табличките на возилата, ја мери просечната брзина, по што системот генерира казни за сопственикот на возилото. На пополнетото експозе при конкурирање стои датум фебруари 2020-та. Внесен е и бројот со кој што е патентирана иновацијата, со дата на патентирање од 14-ти март 2018 година, со целосно поседување на правата на Драги Рашковски. Драги Рашковски од позиција генерален секретар на Владата, од ноември 2019-та година, до февруари 2020-та година, води процедура за набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци – односно за софтвер за систем за автоматско генерирање на казни за сообраќајни прекршоци. Да потсетам, тоа е систем со исти цели за каков што Драги Рашковски има добиено златен медал за иновација, нагласи Стоилковски.