петок, 26. јануари 2024. Вести денес: 0
home Останати спортови

Додевски: Победив борец кој што е актуелен бронзен медал на светско првенство, можам повеќе!

Додевски: Победив борец кој што е актуелен бронзен медал на светско првенство, можам повеќе!

Филип Додевски е таеквондо репрезентативец, олимписки стипендист и носител на медал од европско првенство.

Во интервју за КУРИР тој говори за своите успеси и планови, за натпреварите и медалите.

КУРИР: После пандемијата веднаш започна со забалежителен успех, освои бронзен медал на Г1 турнир, на што се должи успехот?

– Да така е освоив бронзен медал на Г1, она што ми е мене и на тренерите најважно е тоа што го победив Иван Шапина од Хрватска кој што е актуелен бронзен медалист од последното светско првенство во Манчестер, и секако можам уште повеќе. Успехот би рекол дека се должи на мојот мотив, но пред се на инзворедната тренинг програма поставена од мојот стручен тим во Таеквондо Клуб Бутел на чело со тренерите Борче Костовски и Дарко Костовски.

КУРИР: За малку не влезе во финалето, за само еден бод изгуби од златниот медалист на турнирот Рос Даниел од Шпанија!

-За жал да, но таков е спортот понекогаш суров, водев буквално до самиот крај, но тоа е тоа. Шпанецот во финалето го победи актуелниот сребрен медалист од последното светско првенство Мигел од Бразил.

КУРИР: Филип, што е следно? Дали може да очекуваме олимписка норма од тебе?

-Да, тоа ми е животен сон, пред олимписките квалификации имаме европско првенство во Софија, еден месец после тоа на 9 Мај се олимписките квалификации исто така во Софија, ќе биде пеколно тешко но затоа е убав овој олимписки фулконтактен спорт, заради совршено тешката конкуренција која што ја има изградено самата олимписка традиција на таеквондото. Она што сакам да го истакнам е тоа дека на последниов турнир го победив еден од најдобрите борци на светот во нашиот спорт, секако во секоја борба одам на победа и тоа е веќе реалност за мене.

КУРИР: Кој ти е најдраг успех до сега?

-Бронзениот медал во 2019 на европското првенство до 21 година во Шведска, можев уште повеќе тој ден, но се повредив. Исто така значаен успех ми е и златниот медал во 2018 на европско клубско првенство во Солун, таму со пет победи стигнав до злато, во финалето и тогаш победив носител на бронзен медал од светко првенство.

КУРИР: Таеквондо спортот станува се попопуларен во последно време, на што се должи тоа?

-Мразот го скрши Дејан Георгиевски тој стана европски сениорски шампион во 2017 година, тоа е скоро незамислив резултат за Македонија кога е во прашање олимписки спорт. Но она што е најважно тоа е перфекционистичката работа на мојот тренер и претседател на Македонската Таеквондо Репрезентација д-р Борче Костовски, тој за само неколку години направи чудо, создаде генерација кој секојдневно урива граници, постигнува врвни спортски резултати несвојствени за нашата држава, и секако последниот збор се уште не сме го кажале, а до сега имаме освоени три сениорски медали на европско првенство, три медали на ЕП У21, медал на СП Јуниори и многу други значителни успеси.