Македонскиот ракометен шампион Вардар го доживеа вториот пораз во четвртиот натпревар од СЕХА лигата, каде овојпат загуби на гостувањето кај Нексе со 36-32.
Тимот на Алушовски одигра лош натпревар, мало оправдување може да биде некомплетниот состав, но Вардар имаше доволно добар тим за да се претстави во подобро издание.
Нексе моќно го почна натпреварот, по шест минути игра имаше водство од 5-0, Вардар во осмата минута го постигна првиот гол. Потоа направи серија со која намали на 6-5. На одморот се замина со водство на хрватскиот тим од 15-14.
Во првите десет минути од вториот дел Вардар беше добар, неколку пати беше во водство, но потоа следуваше пад, Нексе беше многу подобар, имаше и шест голови предност, на крајот победи со 36-32.
Убедливо најдобар во Вардар беше Дибиров со девет голови, шест постигна Гаџа, Борко имаше девет одбрани. Кај Нексе по шест голови дадоа Јагањац и Кевиќ, голманот Морено Цар имаше фантастичен меч со 16 интервенции.