Собранието е нефункционално. Веќе неколку месеци Собранието не може да функционира. Финансиската помош од четвртиот пакет мерки не може да стигне кај граѓаните.
Поради неспособноста на СДСМ да собере мнозинство и немањето кворум, не може да се изгласаат законите. Во Собранието се уште има недонесени закони за реализирање на четвртите пакет мерки. Бизнисот најавува нови отпуштања.
-Не само од петтиот сет економски мерки, туку и од четвртиот антикризен пакет се уште има законски решенија кои не ги поминале ни комисиите во Собранието. Тоа е вистината. Ја повикувам опозицијата која ги толкува бројките како што сака, да ги поддржи сите законски решенија, а ако не и се допаѓаат, да понуди алтернатива за да ги подобриме, порача министерот за економија, Крешник Бектеши.
По панел дискусијата „Нееднаквост во време на корона“, Бектеши, одговорајќи на новинарски прашања, уште еднаш истакна дека целта на Владата е да креира што подобри решенија за помошта да биде насочена каде што треба.
-Во Собранието се уште има недонесени закони за реализирање на четвртите пакет мерки. Четвртиот сет економски мерки ги даде своите резултати, но треба да се има предвид дека во Собранието уште стојат законски решенија од четвртиот сет мерки кои се во Комисијата за финансии во делот на докапитализација на македонската банка за развој, но истовремено и во делот на новата мерка за воведување гаранција за извозно ориентираните компании и зголемување на капацитетот на Развојната банка за да дава бескаматни кредити за сите наши компании, рече министерот.
Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ претходно изјави дека се реалност забелешките на кои подолго време укажува опозицијата. Тој не знае, како што рече, зошто цел месец се чека да се донесат законите од петтиот пакет во Собранието. Според Муцунски, таквата неагилност загрижува.
-Имаме ненавремена и недоволна реакција на извршната власт во однос на квалитетни и опипливи економски мерки. Јазот меѓу богатите и сиромашните се зголемува, се зголемува невработеноста, компаниите не добиваат доволно помош. Веројатно недостасува соодветен дијалог со релевантните чинители, со стопанските комори, треба многу повеќе јавни средства да бидат влејани во приватниот сектор. Ова е време кога државата треба да издвојува многу повеќе за помош на компаниите. Потребно е заеднички да се реагира, да се слуша гласот на сите засегнати страни. Постои одредена помош што ја поддржуваме и го повикуваме парламентрарното мнозинство, не знам зошто се чека веќе еден месец како точка на дневен ред да се стават законите кои се дел од петтиот пакет. Тие се доставени до Собранието во средината на февруари. Седницата со која ќе почне процесот на нивно донесување е закажана дури за следната недела. Навистина загрижува таа неагилност во сите тие процеси, но ние како опозиција ќе нудиме предлози и решенија, секогаш ќе бидеме во комуникација со приватниот сектор за да им се помогне, да се зачува нивната ликвидност и да се заштитат работните места, нагласи Муцунски.