Петре Шилегов истурка на сила промена на имиња на речиси 500 улици, булевари, плоштади, мостови и тоа – противзаконски! На крајот од мандатот за кој што ќе остане забележан единствено по скандали, Шилегов се користи со старата добра школа од поранешниот систем – ако не си изградил ништо тогаш преименувај го постојното, истакна Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ во Коментар на денот.
-Со овој чекор не може, а да не се забележи и дека Шилегов се приклучува кон бришачите на институционалната македонска историја, со замена на имиња на македонски личности низ историјата и со употреба на целосни анонимци за македонската јавност.
Но, покрај моралниот аспект – наместо помош на граѓаните во услови на здравствениот погром – тоа што е најексплицитно е сепак правниот аспект на овој зафат!
Во Македонија има Закон! И тој Закон мора да се почитува и важи за сите, било тоа да е Шилегов или друг потрчко на режимот!
Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти, со кој што се уредуваат условите и начинот на определување имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, како и водење на регистар и евиденција на имиња на улици, е дециден.
Во својот член 8 стои – „Име на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект може да се промени на начин и во постапка за нивно определување“. А, понатаму во истиот член вели – „Промената од став 1 на овој член не може да се врши шест месеци пред одржување на редовни претседателски, парламентарни и локални избори и една година пред планиран попис на населението“.
Потенцирам – промената не може да се врши една година пред планиран попис на населението.
Правно пописот во Македонија требаше да почне веќе УТРЕ. Законот за сопирање на пописот се уште не е изгласан. Пописот со политички договор е одложен, и ќе се одржи во септември.
Но, и во двата случаи, иако не само што е правник по професија, туку и на седницата на Советот на Град Скопје беше предупреден за овој член, Шилегов го истера инаетот.
Иако судски овој зафат за преименување на речиси 500 улици, мостови и плоштади во Скопје ќе падне на суд заради токму членот од Законот, Петре Шилегов ќе остане запаметен како единствен кој што во еден ден сменил имиња и бришел македонска историја од 500 улици, плоштади и мостови! Тоа се нема случено од окупацијата, или како што милува групацијата околу Шилегов, од администрацијата врз Македонија во Втората светска војна!, подвлекува Стоилковски.