Државата ќе може да го зголеми своето учество „на нешто помалку од 30 отсто“ од капиталот на „Ер Франс“, посочи министерот Бруно Ле Мер, откако планот за спасување на компанијата од страна на државата е потврден од Брисел и тој може да достигне четири милијарди евра, јави дописникот на МИА.
Европската комисија денеска го одобри планот на Франција за доделување помош до четири милијарди евра и за докапитализација на авиокомпанијата. Како и целата авиоиндустрија и „Ер Франс“ е тешко погодена од пандемијата и колапсот во патничкиот сообраќај.
Конкретно, докапитализацијата на „Ер Франс“ предвидува „конверзија на државниот заем од три милијарди евра веќе доделен од Франција во хибриден капитален инструмент“ како и „инекција на капитал од државата“ преку зголемување на капиталот “отворен за постојните акционери и пазарот во границите од една милијарда евра“, соопшти Европската комисија во соопштението за јавноста.
Утринава на „Франс Интер“, министерот за економија Бруно Ле Мер ја поздрави оваа валидација. Тој исто така посочи дека државата сега ќе може да го сголеми својот капитал на нешто помалку од 30 отсто на Ер Франс, наспроти денешните 14,3 отсто.
Бруно Ле Мер потсети и на барањата на државата за „Ер Франс“: првото разгледување што се бара е продолжување на планот за заштеда објавен од шефот на компанијата, Бенџамин Смит. Второто е „намалување на емисиите по патник за 50 отсто до 2030 година“.
„Ер Франс“ мора да стане најпочитуваната авиокомпанија на планетатам според францускиот министер за економија. Компанијата, исто така, ќе мора да отстапи 18 линии на други авиокомпании.
Наведената цел на владата е да ја зајакне конкурентноста на француската авиокомпанија. Бруно Ле Мер верува дека „Ер Франс“ е веќе конкурентна компанија „на долгите линии, но помалку на другите дестинации“. Затоа, предизвикот е да се одржи оваа „стратешка“ компанија во живот, додека хоризонтот на опоравување на секторот останува далечен поради новата епидемија и здравствените ограничувања донесени во Франција и во целиот свет.
Европската извршна власт ќе осигури дека францускиот план за поддршка следи одредена рамка. Вбризгувањето на капиталот од страна на француската држава, пред се, „нема да го надмине минимумот неопходен за да се гарантира одржливоста на „Ер Франс“ и нејзината холдинг-компанија и да се врати состојбата со капиталот што ја имаше пред пандемијата на Ковид-19 .
Покрај тоа, француската држава „ќе добие соодветна наплата за инвестицијата и воспоставени се дополнителни механизми за да ги охрабри „Ер Франс“ и нејзината холдинг-компанија да го откупат уделот на државата што произлезе од докапитализацијата. Француската држава ќе мора да претстави план за намалување на учеството во капиталот.
-Се додека докапитализацијата не биде вратена на 100 отсто, „Ер Франс“ и неговото одржување се предмет на забрана за дивиденда, подвлече Комисијата. Конечно, КЛМ, холандскиот партнер во групата Ер Франс-КЛМ, нема да има корист од помошта.