среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Франција, Британија и Германија го предупредија Иран дека со збогатувањето ураниум ги поткопува преговорите

Франција, Британија и Германија го предупредија Иран дека со збогатувањето ураниум ги поткопува преговорите

Велика Британија, Франција и Германија, дел од потписничките на меѓународниот нуклеарен договор со Иран од 2015 година, денеска го предупредија Техеран дека неговата одлука за збогатување на ураниум до 60-процентна чистота и инсталирањето на нови 1.000 центрифуги во нуклеарната централа во Натанц е спротивна на напорите за заживување на нуклеарниот договор.

Преговорите меѓу светските сили и Иран утре треба да продолжат во Виена, но во заедничката изјава трите европски земји наведуваат дека одлуката за збогатување ураниум не се темели на веродостојни причини и претставува значаен чекор во производството на нуклеарно оружје.

„Најавите на Иран се за жалење, особено затоа што доаѓаат во време кога сите учесници во Заедничкиот сеопфатен план за акција (JCPoA) и САД почнаа вистински дискусии насочени кон изнаоѓање на брзо дипломатско решение за заживување и обнова на JCPoA“, се наведува во соопштението на трите земји.

„Најновите опасни изјави на Иран се во спротивност со дискусиите што ги имавме во конструктивен дух и добра волја“, се додава во соопштението.

Техеран тврди дека своите одлуки ги донел по саботажата на нуклеарната централа во Натанц, за која го обвини Израел.

Европската тројка, во светло на неодамнешните настани, рече дека „ги отфрла сите мерки, од секој учесник, што водат до ескалација и ќе го повика Иран да не го комплицира дополнително дипломатскиот процес“.