Во општина Штип, не само што не се решаваат проблемите, туку тие се натрупуваат, вели Весна Ничева од ВМРО-ДПМНЕ Штип.
-Имено, веќе подолг временски период движењето низ улиците на нашиот град претставува вистинска опасност за граѓаните на општина Штип. Глутници кучиња не демнат како во строгиот центар на градот, така и низ секоја населба од нашата општина. Зголемениот број на кучиња скитници претставува сериозен проблем. Нивната концентрација низ парковите и улиците во нашиот град создава ризик од ширење на голем број на паразити. Од друга страна пак, преку негрижата за животните, општината ја покажува својата нехуманост. Меѓу бездомните кучиња има и такви кои се болни и гладни, а општината се уште нема системско решение за овој проблем, вели таа.
Ничева посочи дека иако градоначалникот на средбите со невладините организации ветуваше наоѓање привремено решение за бездомните кучиња, преку сместување на истите во објект кај Новакова чешма, сепак, овој „капитален проект“ на таткото на градот, се уште не е реализиран.
-Заради поголема безбедност на сите нас апелираме да не останат само празни ветувања и фотографирања, туку во најкраток можен рок да се најде решение за овој проблем, затоа што не сакаме да живееме во град каде владее безредие, опасност и каде граѓаните со недоверба и страв ќе излегуваат на улица, вели таа.