Во Собранието денеска седници ќе одржат комисиите за финансирање и буџет, за одбрана и безбедност и Законодавно-правната комисија.
На дневен ред на Комисијата за финансирање и буџет се Предлог-законот за изменување на Законот за данокот на добивка, во прво читање и Предлог-програмата за изменување на среднорочната програма за формирање, чување, обновување и користење на стоковните резерви за период од 2021 до 2025 година.
Членовите на собраниската Комисија за одбрана и безбедност ќе расправаат за Предлог-одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија. На дневен ред се и две предлог-одлуки за испраќање припадници на Армијата за учество во меѓународната операција на Организацијата на Обединетите нации „УНИФИЛ“ во Република Либан. Со првата Предлог-одлука предвидено е испраќање еден штабен офицер на Армијата на период од една година, од септември 2021 до септември 2022 година. Со втората Предлог-одлука се предвидува во Либан да заминат двајца припадници на Армијата за период од шест месеци, од јули 2021 до јануари 2022 година.
Овие точки се на дневен ред и на седницата на Законодавно-правната комисија.