Украинскиот претседател Володимир Зеленски отвори нова локација за одлагање на нуклеарен отпад во близина на Чернобил, местото на најтешката нуклеарна несреќа во светот, што се случи пред точно 35 години.
Зеленски го посети Чернобил заедно со Рафаел Маријан Гроси, генерален директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) и вети дека таа изолирана зона, како што го нарекуваат Чернобил, ќе ја претвори во зона на обнова.
– Украина не е сама и има широка поддршка од своите партнери, рече Зеленски.
– Денеска беше пуштено во употреба ново складиште и многу е важно дека денеска ќе се добие дозвола за негово одржување, рече тој.
Украинските власти одлучија да ја искористат таа празна изолирана зона околу нуклеарната централа во Чернобил за да изградат место каде што Украина може да го складира својот нуклеарен отпад во следните 100 години.
Украина во моментов има четири оперативни нуклеарни централи и мора да пренесува нуклеарен отпад до Русија. Новото складиште ќе и овозможи на владата да заштеди до 200 милиони долари годишно.
Гроси на Твитер напиша дека МААЕ ќе продолжи неуморно да работи на „затворање, радиоактивен отпад и обновување на животната средина“ поврзани со несреќата во Чернобил.
Реакторот број четири во електраната експлодираше на 26 април 1986 година, кога радиоактивен материјал беше исфрлен високо кон небото. Иако блискиот град Припјат беше евакуиран следниот ден, два милиони жители на Киев не беа информирани и покрај опасноста. Остатокот од светот дозна за катастрофата дури откако беше откриено зголемено радиоактивно зрачење во Шведска.
На крајот, повеќе од 100.000 луѓе беа евакуирани од областа, а во тоа подрачје останаа само работниците кои го чистеа реакторот.
Радијацијата од електраната зрачеше до 2019 година, кога беше покриено со голем штит.
На 35-годишнината од несреќата, украинските власти отворија тајни документи кои покажуваат дека во таа нуклеарка се случиле сериозни несреќи неколку пати пред 26 април 1986 година.
Украинската служба за безбедност откри дека советските власти издадале указ на 8 јули 1986 година, кога сите детали поврзани со катастрофата во Чернобил, вклучително и колку луѓе се разболеа, биле прогласени за тајни. Според агенцијата, во октомври 1987 година, еден француски новинар се обидел да земе примероци од почва и вода во странство, но КГБ ги заменило овие примероци со чисти.
Реакторите во Чернобил треба да бидат демонтирани до 2064 година.