вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Бошњаковски: Не работат службите за викенд, не знам дали и која функција ја има командант Хоџа

Бошњаковски: Не работат службите за викенд, не знам дали и која функција ја има командант Хоџа

На социјалните мрежи викендов Џезаир Шаќири, познат како Командант Хоџа добива честитки бидејќи станал советник за безбедност на премиерот Зоран Заев. Командант Хоџа беше еден од командантите на ОНА во 2001 година, каде загинаа 75 припадници на македонските безбедносни сили.

Од Влада не можат ниту да ја потврдат ниту да ја демантираат информацијата.

-Службите во Влада не работат за време на викенд и не можам да ви дадам прецизна информација. Дали и на која функција е ангажиран Џезаир Шакири Хоџа ќе соопштиме утре, вели Миле Бошњаковски, портпарол на Влада.

Инаку и членови на СДСМ на Фејсбук објавуваат дека Шаќири ја добил функцијата. Хади Османи, кандидат за градоначалник на Липково од СДСМ, на „Фејсбук“ објави дека командант Хоџа заслужено станал командант на Владата, а под објавата прикачи фотографија од Џезаир Шакири како излегува од „белиот дворец“ на Владата.

-По многу жртви за време на конфликтот во 2001 година и по многу предизвици со кои се соочил по конфликтот, Џезаир Шакири праведно заслужи награда.Командантот Хоџа сега е Командант на Владата.Слуга на народот и граѓаните на Македонија. Мојот сакан пријател конечно ја освои последната битка против диктатурата на Никола Груевски и благодарејќи на моите двајца пријатели, Зоран Заев и Џеват Исени, ја доби наградата и заслужената работа. Во оваа Влада, тие ги носат луѓето кои заслужуваат и знаат да ги вреднуваат оние што заслужуваат, стои во објавата на Хади Османи.

Командантот Хоџа честитки има и од Џевад Исени, претседател на Управниот одбор на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор. Тој напиша дека е горд на командантот.

-Вие не ја предадовте крвта на мачениците, вие не го предадовте даденото ветување. Денес предавниците мора да се соочат со вас очи во очи, дури и во владините институции, Џезаир Шакири Хоџа, горди на вас, објави Исени.

Додека владините служби се на викенд за официјална потврда, бројот на честитки за новата функција на командантот со желби да стане уште поуспешен, постојано се зголемува.

Најнови вести