Лидерот на Исламска држава, Абу Бакр ал-Багдади, е жив и веројатно се крие во Сирија на границата со Ирак, изјави Абу Али ал-Басри, директор на Управата за разузнавање и борба со трговијата со дрога на ирачкото Министерство за внатрешни работи.
– Според последната информација со која располагаме, Ал Багдади се наоѓа во градот Хаџин во Сирија на околу 29 километри од границата со Ирак, во провинцијата Деир аз Зур, изјави Ал Басри додавајќи дека информациите за локацијата на Ал Багдади биле добиени од ирачките разузнавачки служби во изминатите неколку дена.
Портпаролот на ирачкото Министерство за одбрана, бригадниот генерал Јахја Расул, рече дека, според негови информации, Ал-Багдади се крие во долината на Еуфрат во источна Сирија и имал тешки рани на нозете.
Исламска држава ја презеде одговорноста за убиството на кандидат на парламентарните избори во Ирак, а властите тврдат дека убиецот е син на жртвата. (МИА)