петок, 15. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Државата го остави без извод и здравствена книшка – почина 19 годишното момче кое цела деценија водеше битка со Управата за водење матични книги

Државата го остави без извод и здравствена книшка – почина 19 годишното момче кое цела деценија водеше битка со Управата за водење матични книги

Матурантот Тони Сали, кој цела деценија водеше битка со Управата за водење матични книги за добие матичен број и Извод на родени, почина завчера на 19 години, пишува порталот СДК.мк.

Не дочека да биде запишан некаде во оваа држава дека постои, дека е жив. За првпат неговите осум букви се појавија вчера, во службената евиденција на МВР, но како починато лице.

Тони нема да добие ни посмртница. Како да не постоел. Единствен документ и доказ дека постоел, ќе останат неговите петки од прва до последна, освоените домашни и меѓународни награди од натпревари и свидетелствата. Школите ги отворија вратите за него надвор од законот, врз основа на Конвенцијата за права на детето.

Сали починал дома крај тешко болниот татко, покрај мајка си, братот и сестрата. Причините за прераната смрт на ова момче не се знаат, затоа што ова момче немајќи извод, никогаш немаше ни здравствена книшка, а ни лична карта. Пари за приватни лекарски прегледи, ова социјално загрозено семејство, немаше.

За голготата на ова момче и на неговото семејство пред Управата за водење матични книги, каде што подолго време е директор Бујар Дардишта од ДУИ, алармираше Народниот правобранител.

Државата никогаш не му даде матичен број. Го условуваше место биолошкиот татко, за родител да му впишат странски државјанин кој не му е татко. Потоа, во друга процедура, да го поништел тоа татковство со човекот со кој детето и родителите немаат никаков контакт, оти такви ни биле законите. А во меѓувреме, Тони Сали требаше да живее како странец, без државјанство, без права на бесплатно школување, здравствена и социјална заштита како останатите граѓани на Македонија, што родителите никогаш не го прифатија.

Управата никогаш не му го призна биолошкиот татко. Многу голема правна пречка било тоа што кога се родил Тони, мајката, која долги години си живеела со татко му во Македонија, не се имала разведено со првиот сопруг од Бугарија. Па оттаму нашата држава до последно инсистираше да му го натури како татко за да му даде извод.

Повеќе прочитајте ТУКА

Најнови вести