Унгарската владејачка партија Фидес предложи закон за забрана на ширење на содржина, за која вели дека промовира промена на полот или сексуалноста во училиштата, што критичарите го сметаат за потег што потсетува на рускиот закон за „геј пропаганда“ од 2013 година. Со изборите на почетокот на 2022 година и промовирање на силнa христијанскo-конзервативна агенда, од минатата година се сврте посилно против ЛГБТ + заедницата.
Полската владејачка партија ПиС, главниот сојузник на Фидес во Европската унија, зазема сличен став со години.
Неодамнешниот амандман на пратениците на Фидес во предложениот закон за казнување на педофилијата вели дека на децата под 18 години не треба да им се покажува порнографска содржина или каква било содржина што промовира промена на полот или хомосексуалност. Ова исто така важи и за рекламирање, се наведува во законот.
Исто така се предлага да се направи список на организации кои ќе бидат единствените што ќе имаат право да одржуваат предавања за сексуално образование во училиштата.
– Новиот закон предложен од Фидес сериозно ќе ги ограничи слободата на говорот и правата на децата, рече Хетер, ЛГБТК група, во изјавата споредувајќи го предлогот со рускиот закон за геј пропаганда. Хетер и шест други здруженија го повикаа Фидес да го повлече законот од постапката, за кој ќе се гласа следната недела. Во Унгарија, бракот се дефинира како заедница на маж и жена, а само хетеросексуалните парови можат законски да посвојуваат деца.
Минатата година, Унгарија забрани регистрација на промена на полот во матичните канцеларии и го укина законското признавање на родовиот идентитет на трансродовите лица. Одлуката важеше и ретроактивно за лица кои веќе го смениле полот, што годинава беше прогласено за неуставно од Уставниот суд.
Орбан победи непречено на три избори од 2010 година, но сега опозициските партии се обединија за првпат против Фидес и се блиску во анкетите. Во четвртокот, Орбан, исто така, рече дека ќе се зголеми минималната плата и ги повтори плановите за големо враќање на данокот на семејствата во 2022 година.