Независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, во дебатата на Телевизија 24 со останатите кандидати за градоначалници, истакна дека граѓаните на Скопје не се задоволни од тоа како во овој момент изгледа градот во кој владее сообраќаен и урбан хаос и е затоа потребно квалитетно менаџирање и изнаоѓање на брзи и ефикасни решенија кои ќе го направат Скопје современа метропола.
– Кога се прашуваме што е визијата за градот и што му е потребно, потребно му е квалитетно менаџирање. Да се престане со политиканство, граѓаните не се бројка, за нив потребно е да се работи и да се биде нивен сервис и да се обрне внимание на она кое секојдневно тие го кажуваат. Тоа се брзи и ефикасни решенија, кои ќе направат Скопје да биде вистинска современа метропола со која сите ќе се гордееме, рече Арсовска.
Таа потенцираше дека во овој момент наместо да се зборува за култура, уметност и спорт се зборува за нешта поради Скопје изгледа како град од минатиот век, бидејќи делови од градот немаат основна инфраструктура.
– Она кое е духот на градот потребно е да се врати. Има делови од градот кои немаат основна инфраструктура, немаат водовод, канализација, а да не зборуваме за подигнување на квалитетот на животот. Во овој момент треба да разговараме за култура, спорт, уметност за се што ќе ги направи скопјани горди дека живеат во главен град и метропола, изјави Арсовска.
Таа нагласи дека досега многу решенија се ветувани, но не се реализирани и посочи дека граѓаните не користат доволно јавен превоз, бидејќи истиот не задоволува стандарди за да можат безбедно и навремено да пристигнат од една до друга дестинација.
– Не е доволно само да се вети. Завршен проект е оној кој има почеток и крај, а ние гледаме само ветувања. Има дел локации кои се недостапни за јавен превоз, во 21 век граѓани пешачат километри за да стигнат до автобуска станица и тоа е она кое ќе се промени. Цените треба да бидат достапни за граѓаните, за да можат да се откажат од сопствените автомобили да го користат јавниот превоз, истакна Арсовска.