Имаме проект „Ѓорче Петров без кал“, со кој што сакаме да ги опфатиме сите улици во општината, така што ќе ги асфалтираме сите улици во урбаниот и руралниот дел, вели Александар Стојкоски, кандидат за градоначалник за општина Ѓорче Петров од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој во емисијата „Што не е јасно“ која се емитува на телевизија Алфа, истакна дека во неговиот градоначалнички мандат целосно ќе се фокусира во подобрување на целокупното живеење на граѓаните, така што во руралниот дел на општината ќе се посвети и на целосно завршување на канализациониот систем, додека во урбаниот дел ќе се посвети на реконструкција на подземната инфраструктура.
„Ќе ставиме силен фокус на реализација на проектот „Ѓорче Петров без кал“, со кој што сакаме да ги опфатиме сите улици, да ги завршиме со асфалтирање или во дел поставување на павер елементи, онаму каде што имаме техничка можност тоа да го изведеме, во руралниот дел, завршување на канализациониот систем, комплетно со поврзување на селата Ормани и Никиштани и завршување во делот на Волково и Кисела Јабука. И во другиот дел да се фокусираме, понатаму силно, на реконструкција на подземната инфраструктура во урбаниот дел на Ѓорче Петров“, истакна Стојкоски.
Тој истакна дека руралните средини на општината, се целосно запоставени од актуелната локална власт, така што изоставено е асфалтирањето на бројни улици, а од друга страна урбаниот дел, иако забрзано се урбанизира, сепак не ги задоволува потребите на граѓаните, бидејќи објектите кои што во моментот се градат се предимензионирани во однос на тоа што постоечката инфраструктура може да го издржи.
„Кога зборуваме за општината Ѓорѓе Петров, може да зборуваме за урбаниот и руралниот дел и така генерално ги делиме проблемите, бидејќи овие две средини си имаат посебни специфики. Додека во руралниот дел најголем проблем е недоизградената инфраструктура, во урбаниот дел имаме засилен процес на урбанизација и сега се јавува нов проблем на овој терен, бидејќи постоечката инфраструктура не ги задоволува потребите на граѓаните кои што живеат во општината, бидејќи во моментот објектите кои што се градат се предимензионирани во однос на тоа што постоечката инфраструктура може да го издржи“, истакна Стојкоски.