четврток, 23. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Петков: Создаваме нова иднина – Ветувам дека Виница ќе добие нова индустриска зона за мало стопанство и изградба на нова автобуска станица, време е за реални проекти

Петков: Создаваме нова иднина – Ветувам дека Виница ќе добие нова индустриска зона за мало стопанство и изградба на нова автобуска станица, време е за реални проекти

– Овие избори не се обични локални избори, од овие избори зависи по кој пат ќе тргне Република Македонија. Дали ќе продолжиме по патот кој го трасира оваа нелигитимна влада, а тоа значи променето име на државата, загрозен идентитет и јазик, загрозени земјоделци, обесправени пензионери, исплашена администрација, несигурни студенти, демотивирани инвеститори, невработени без надеж, истакна кандидатот за градоначалник на општина Виница, Миле Петков на вечерашниот митинг.

Петков истакна дека изминатите четири години граѓаните се сведоци на континуирано пропаѓање на општината во сите сегменти на живеењето. Виница го изгуби сјајот и не го искористи потенцијалот да биде место во кое граѓаните ќе сакаат да останат да живеат, наместо да се иселуваат. Граѓаните на општина Виница од оваа локална власт добија само големи разочарувања.

– Во соработка со вас граѓаните, користејќи ги вашите идеи и сугестии изготвивме програма со конкретни проекти во кои секој од вас може да се пронајде. Ние презентираме програма со приоритети и точно утврдени рокови. Од вас бараме подршка и доверба за да ја реализираме нашата програма, рече Петков.

Петков посочи дека како градоначалник во наредните 4 години ќе работи неуморно, за Виница да биде убаво и посакувано место за живеење, општина на среќни и задоволни граѓани, општина без корупција, економски моќна, уредена и чиста, вистински сервис на граѓаните, општина со која сите ќе се гордеат.

– Решавањето на инфрастуктурните проблеми на граѓаните ќе биде мој приоритет. Ќе ги донесеме сите урбанистички планови за градот и населените места што е основа за идниот развој на општината. Ќе изградиме водоводна и канализациона мрежа онаму каде што се уште нема. Ќе ја подобриме сообраќајната инфраструктура во градот и во населените места. Ќе ја подигнеме хигиената во градот на повисоко ниво, вети Петков.

Петков рече дека се обврзува на изградба на нова индустриска зона за мало стопанство, изградба на нова автобуска станица, изградба на булевар на влезот во Виница, оформување на нова зона за семејни куќи по почетна цена од 1 евро/м2.Исто така вети поврзување на градската канализација и канализацијата во с. Истибања, с. Јакимово, с. Градец и с. Лески на пречистителна станица за отпадни води. Во програмата на Петков се предвидува и изградба на туристичка и викенд населба на планината Плачковица, конечна реализација на проектот затворен градски пазар, уредување на речните корита на Виничка и Градечка река и промоција на проектот за изградба на Спа комплекс во Топлички рид во близина на с. Истибања.

– Време е Виница да одбере реални проекти наместо празни ветувања, способни и исполнителни личности наместо оние кои ги ставаат личните интереси пред вашите. Јас и мојот тим се обврзуваме дека нема да потпаднеме под било какви притисоци и дека нема да се откажеме од нашата визија за подобра и просперитетна Виница. Заедно со вас ќе створиме подобри услови за работа и живот на сите затоа што општина Виница е за сите луѓе, нагласи Петков.