Прелиминарната истрага на филипинската Влада утврди дека 154 полицајци би можеле да бидат кривично гонети за дела кои ги извршиле за време на борбата на претседателот Родриго Дутерте против дрогата.
Откритијата, објавени од секретарот на Министерството за правда, Менардо Гевара, доаѓаат неколку недели откако Меѓународниот кривичен суд ја одобри истрагата за убиствата на илјадници дилери на дрога, откако Дутерте ја презеде функцијата во 2016 година.
Владата наведе дека нема да соработува со меѓународни судски органи бидејќи Филипините имаат функционален правен систем.
Некои активисти за човекови права, сепак, велат дека имало систематско прикривање и погубување на илјадници зависници и дилери кои не биле кривично гонети.
Полицијата негираше дека направила нешто незаконско, нагласувајќи дека убивала во самоодбрана.
Гевара истакна дека полицијата и судството разгледале 52 случаја, каде осомничените се убиени во, како што наведе полицијата, операции против дрога, и тие случаи ќе им бидат предадени на државните истражители за понатамошна постапка.
Тој додаде дека уште над 100 случаи ќе бидат разгледани.
Западните медиуми објавија дека 6.200 лица осомничени за трговија со дрога официјално се убиени во акции во кои осомничените се спротивставиле на апсењето. (МИА)