Требаше Аријант Џафери физички да се пресмета со првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, за да се отвори „пандорината кутија“ за тоа кого се снабдувала со електрична енергија неговата компанија У повер, за која РКЕ ја почна постапката за одземање на нејзината дозвола за работа, што всушност беше причина за неговото насилство врз Марко Бислимовски, пишува порталот faktor.mk
Фактор преку алатката Отворени финансии пренесува податоци за тоа кој се од државните органи и општини набавувал струја преку У повер, компанија која во 2019 година доби тендери за снабдување со електрична енергија, а е основана во 2016 година.
Податоците се однесуваат за оваа година, или конкретно од први јануари па се до октомври, а се добиваат преку исплатите кои ги вршале државните органи и општини до компанијата У-повер, во која еден од сопствениците е Аријант Џафери, син на поранешниот вицепремиер и истакнат член од редовите на ДУИ, Муса Џафери.
Од бројките на Отворени финансии може да се види дека најмногу струја од У-повер набавувал и плаќал Градот Скопје. Во текот на годината направени се голем број исплати од касата на метрополата до фирмата на Џафери, а од нив четири се највисоки и се по над два милиони денари.
Па така, највисоката исплата од Град Скопје до У повер е 2,84 милиони денари, или 46 илјади евра. Две од исплатите се по 2,4 милиони денари, и четвртатата е 2,3 милиони денари. Но, исплатите не завршуваат тука, туку Градот Скопје исплатил и 710 илјади денари, па 630, па 583 илјади денари, како и многу други пониски суми, за снабдување со струја од компанијата У повер.
И Општина Битола набавувала еклектрична енергија од фирмата на Аријант Џафери. Оваа локална самоуправа има пет исплати од по над еден милион денари до таа фирма, и тоа првите две од цирка 1,4 милиони денари, па 1,3 милиони и две исплати од по 1,1 милиони денари, по што следуваат исто така високи, но и пониски суми, со кои општината уредно ја плаќала струјата од У повер.
Општина Центар исто така добивала струја оваа фирма, така што податоците од Отворени финансии говорат за две исплати од над 1,2 милиони денари, две исплати од по еден милион, но и помали суми за плаќање на набавките на оваа општина.
Аеродром е уште една скопска општина која набавувала струја од У повер. Има четири исплати од над еден милион денари, и тоа две од по близу 1,2 милиони, и две од по 1,1 милиони денари, ни и повеќе исплати од по над 900 и над 800 илјади денари.
Велес исто така купувал на пазарот струја од У повер, па најголемата исплатена сума што ја дал до компанијата се близу еден милион денари, а има и исплати од над 900, 800 и 600 илјади денари, но и помали суми кои се исплаќале. И Бутел набавувал струја од У повер, нивната најголема исплата е 677 илјади денари, а има и од 50 илјади. Ѓорче Петров исто така се снабдувала со електрична енергија од У повер, првата исплата е 579 илјади денари, и има повеќе исплати до компанијата на тој износ, но и помали суми.
Царинската управа е еден од купувачите на струја, првата најголема исплата е 487 илјади денари, и всушност на списокот фигурираат поголем број исплати над 400 илјади денари, но има и помали износи.
Општина Гевгелија има исплати од околу 400 и 300 илјади денари.
А, и Дирекцијата за ТИРЗ набавувала струја, со исплати од близу 400 илјади денари, па и неколку помали износи. Агенцијата за вработување исто купувала струја од фирмата на Џафери, но има неколку исплати, од 309 илјади денари, па надполу.
Општина Свети Николе исто е на списокот, а нејзината најголема исплата за струја е 196 илјади денари. И, неколку јавни установи плаќале за струја на У повер за своите потреби, но нивните суми се помали.
Фактор веќе пишуваше дека У повер имала и Договор за снабдување со МЕПСО и тоа за снабдување на сопствените потреби (дирекција и трафостаници), а договорот е вреден речиси половина милион евра. Договорот е на сила од втората половина на јануари оваа година. За оваа година преку алатката Отворени финансии не се регистрирани исплати од МЕПСО кон У повер.
Инаку, МВР вчера експресно соопшти дека го расчистиле случајот со нападот врз Бислимовски, и дека Аријант Џафери, кој го признал делото, ќе одговара за делото насилство. По консултација со јавен обвинител, за него ќе биде изготвена кривична пријава. Инаку, за ова дело насилство, може да се заработи затворска казна од три месеци до три години.
Аријант Џафери има 28 години, а на видеото јасно се гледа како на тераса на една кафеана во Дебар Маало, го напаѓа Бислимовски. Извори тврдат дека тој со свои другари бил во ист локал во оној во кој седел првиот човек на РКЕ, при што го провоцирал, а потоа и седнал до него, наводно за да поразговараат, но набргу го нападнал, со барање да ја запре постапката против неговата компанија, а почнал и да удира кога Бислимовски одбил такво нешто.
Целиот тексто прочитајте го на faktor.mk