Независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска денеска го посети скопско Сингелиќ во општина Гази Баба, каде се сретна и разговараше со жителите од ова населено место.
Санација и покривање на ободниот канал, изградба на градинка и плоштад, трајно решавање на проблемот со фекалната канализација и асфалтирање на сите улици се дел од клучните барања кои ги истакнаа граѓаните пред кандидатката за градоначалник, Арсовска.
Арсовска на жителите им порача дека по 17 октомври веќе нема да има заборавени населби во градот и дека таа ќе работи за подобрување на условите за живот на сите скопјани подеднакво.
– Водоводна и канализациона мрежа, улици без кал и дупки и зеленило во секое населено место се основни работи кои треба да им бидат овозможени на сите граѓани во секое населено место. Должност на секој градоначалник е да ги обезбеди овие основни потреби и тоа ќе го направам брзо и ефикасно, веднаш по отпочнување на мојот градоначалнички мандат. Затоа што граѓаните немаат време за чекање, особено не за вакви приоритетни работи, истакна Арсовска на средбата со граѓани во Сингелиќ.