Македонскиот кикбоксер, Димитар Ѓорѓиев, четврти пат дојде до златниот медал на Светското првенство (СП), кое оваа година се одржа во Италија и тоа во лоу-кик во категоријата до 81 килограм, со што одново донесе огромна радост не само кај своите навивачи туку и кај целата македонска нација.
Со победата над Никола Дробњак (БиХ) во големото финале (3-0) само го потврди својот квалитет и неверојатна константност во последната деценија во која доминира во својата категорија.
„Златото повторно е дома! Благодарност до сите што искрено се израдувавте на оваа наша победа, до моето семејство, до мојата девојка, која мора да ме трпи заедно со сите мои ангажмани и до сите мои подржувачи низ цела моја кариера и мојот тим од КБК Работнички Адора и ВАКО Македонија. Можеби сме мала држава, но повторно докажавме дека имаме најголемо срце!“, изјави Ѓорѓиев.