вторник, 5. декември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Дел од Тетово викендов неколку часа без струја, жителите стравуваат од подолготрајни прекини

Дел од Тетово викендов неколку часа без струја, жителите стравуваат од подолготрајни прекини

Двата дена од викендот делови од Тетово останаа по неколку часа без снабдување со електрична енергија. Во саботата и неделата делови од градот немаа струја во доцните попладневни и рани вечерни часови.

– Во неделата електрична енергија немаше од 17.15 часот се до 20.45 часот. Домот го затоплуваме со термо печка па среќа акумулираната енергија тие неколку часа одржуваа топлина. Стравуваме од подолготрајни прекини поради очекуваните пониски зимски температури, велат жителите на месната заедница „Борис Кидрич“ кои се соочија со прекинот во снабдувањето.

Од електродистрибутивната компанија ЕВН Македонија информираат дека дефект во саботата и преоптеретување во неделата се причини за прекините во напојувањето со електрична енергија.

– Поради дефект на прекинувач во 110кВ трафостаница „Тетово 1“, делови од Тетово останаа без напојување со електрична енергија во сабота во вечерните часови. Имајќи ги предвид ниските температури, корисниците беа префрлени во алтернативни напојни точки за снабдување како најбрзо можно решение во однос на околностите.

Токму затоа, во недела се случи дефект поради преоптоварување на мрежата, но истиот се санираше од  страна на екипите на Електродистрибуција и снабдувањето повторно беше нормализирано.

Освен тоа, екипите на Електродистрибуција како дел од секојдневните активности реализираат и инвестициски зафати, односно планирани прекини, со цел подобрување на квалитетот во снабдувањето со
електрична енергија, информира Вјолца Селими од одделот за комуникации при ЕВН Македонија.

Минатата година во август и декември жителите на Тетово се соочија со повеќе часовни прекини во напојувањето со електрична енергија. Во август повеќе од 8 часа имаше прекин во поради дефект предизвикан од трето лице кое направило див ископ и така ја оштетило мрежата, додека во декември дефект на 20 киловолтен кабел беше причината 15 трафостаници да останат без струја.