Мојот план за Скопје, мојата визија ги претставив со амбициозни, но возможни, реални проекти. Повеќето од нив може да се спроведат веќе во првите две години од мојот мандат. Многу од нив уште во првите 82 дена. Време е да им покажеме на сите дека е возможно во 82 дена да се исчистат сите депонии, сите диви депонии во градот Скопје, да се отвори едношалтерскиот систем за јавни услуги достапен за сите граѓани 24 часа секој ден во неделата. Ќе ставиме крај на дивеењето и урбаниот хаос. Ќе го спроведуваме законот, ќе го развиеме модерно Скопје, со урбанистичко планирање заедно со локални и меѓународни експерти за да го подготвиме за иднината, со строга заштита на зелените зони и 5 нови мега паркови во споменатите делови на нашето убаво Скопје, истакна Данела Арсовска, независен кандидат за градоначалник на Скопје на вечерашниот завршен митинг пред платото на Филхармонија.
Арсовска во своето обраќање пред скопјани се осврна и на потребата од дигитализација на градот, притоа посветувајќи се и на правилно менаџирање и мотивација на администрацијата која ќе стане транспарентна и ефикасна и во служба на граѓаните.
– Толку сме навикнати да трчаме од шалтер до шалтер, да чекаме редици со часови и на крајот да не го добиваме ни тоа што ни е потребно кога станува збор за јавната администрација, толку сме навикнати на корупција што веќе го прифаќаме ваквиот начин на функционирање како нормален, а не треба да е така. Сите знаеме дека тоа е погрешно, дека тоа е погрешно раководење кое не смее да се дозволи. Но, може да биде и ќе биде поинаку. Преку дигитализација и новиот едношалтерски систем, сите граѓани ќе уживаат во брзи, транспарентни и одговорни јавни услуги. Транспарентна и ефикасна администрација во служба на граѓаните – и политика на нулта толеранција за корупција и непотизам, рече Арсовска.
Таа додаде дека токму ова се столбовите на модерно и европско Скопје.
– Ова се столбовите кои ќе почнеме да работиме на нив да ги развиваме уште првиот ден на стапување на градоначалничката функција. Со целосна посветеност, со напорна работа, со професионален менаџмент, Скопје ќе биде градот кој го заслужуваме, и градот со кој повторно ќе се гордееме, потенцираше таа.