Поради штетните владини политики, ВМРО-ДПМНЕ долго време укажуваше дека Република Македонија е на прагот на електроенергетски колапс, но Власта на Заев во заминување, сето ова го прикриваше со единствена цел да не си го загрози сопствениот и онака нарушен рејтинг во избрниот процес кој се одвиваше изминатиов период. Вистината почна да излегува на виделина веднаш откако заврши вториот круг на локалните избори кога спротивно на доскорешните лажни убедувања дека ситуацијата е стабилна, наеднаш се донесе Уредба за прогласување на електроенергетска кризна состојба, изјави на денешната прес конференција, Стевче Антовски, член на Комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочи дека акумулациите за работа на хидроцентралите се на ниско ниво, посебно последниов месец кога се на минимум со вкупна резерва помалку од 10%.
– Ваквата состојба се манифестира уште од периодот кога самопрогласените „шампиони во енергетиката“ продаваа вишоци на електрична енергија, фалејќи се дека заработуваат од продажбата. Но, дали навистина е така, потврдува сегашната состојба на празни акумулации и немање резерви на електрична енергија, тогаш кога е најмногу потребна. РЕК Битола се сведе на работа со еден блок со половична моќност и со резерви на јаглен помалку од два дена за работа. Пред само неколку дена се запали изолаторот на енергетскиот трансформатор на Блок 3, па настана пожар и хаварија од поголеми размери, поради што Блок 3 ќе биде надвор од употреба подолго време. Вчера пукна цевка на котелот во Блок 1, а бидејќи Блок 2 е во ремонт, РЕК Битола скоро 24 часа не произведуваше струја воопшто, истакна Антовски.
Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ отсекогаш е за правилно раководење на комбинатот РЕК Битола.
– Наместо да се уништуваше РЕК Битола и да се планира нејзино затворање, доволно беше само да се заменат филтрите и да се реши проблемот со загадувањето. Исто така, наместо да се исцрпуваше комбинатот со партиски вработувања, криминални тендери и недомаќинско работење, ние требаше да градиме други производни капацитети за електрична енергија, а во исто време да се мисли на отворање на нови рудници на јаглен во околината на комбинатот, токму за вакви тешки времиња. Наместо да увезуваат поскап јаглен, можеа да го реализираат проектот за отворање на рудникот Живојно. На тој начин ќе ја спасеа домашната кревка економија од пропаст, бидејќи во вакви ситуации како што е сегашната е посебно важно да функционира домашното производство на електрична енергија. Тендерите за ископ во РЕК Битола, кои ги прават со цел да се испумпаат пари од компанијата кај приватници блиски до власта, сега им се вратија како бумеранг. Дебалансите кои се случуваат во преносната мрежа кои ќе ги платиме сите преку буџетот и новата зголемена цена на електричната енергија која е неминовна во блиска иднина се реалност од која нема бегање, појасни Антовски.
– Едно е јасно: Македонија е клекната на колена без доволно сопствено производство на електрична енергија. Нé очекува коплас, сиромаштија и прекини во снабдувањето со електрична енергија. Преносниот систем оператор (МЕПСО) е пред банкрот со преземање на туѓа енергија од европската мрежа за што ќе треба да се платат над 15 милиони евра. Ваков срам за македонската енергетика немало од нејзиното осамостојување до денес. Поради несериознот пристап, сẻ поочигледно е дека во наредниов период ќе се соочуваме со рестрикции и со повторно поскапување на електричната енергија која и онака две години наназад поскапуваше. Одговорност за ваквото расипничко однесување кон енергетиката и државата мора да има, додава тој.