Причините зошто господинот Кастриот Реџепи не дошол на седницата за гласање на доверба или недоверба на Влада треба да ги каже тој истиот. Ние како опозиција направивме се што е во рамките на една демократска процедура да покренеме една таква иницијатива за гласање на недоверба на Владата и истата иницијатива е потпишана од 61 пратеник вклучително и господинот Кастриот Реџепи. И истиот до тој фамозен момент на објава на фејсбук немаше никаква забелешка за образложението зошто покренуваме недоверба на Влада, истакна Бране Петрушевски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија.
Петрушевски додаде дека токму на позицијата 61 е потписот на господинот Кастриот Реџепи.
-По поднесување на иницијативата имаше одредени колеги пратеници кои што имаа забелешки на оваа наша иницијатива, како што беше господинот Скендер Реџепи. Па, потоа 17 пратеници ги повлекоа потписите и меѓу тие 17 не е господинот Кастриот Реџепи. Затоа сомнежот зошто на фејсбук ја објавил својата поддршка на Зоран Заев, СДСМ и ДУИ, а не во Собранието ќе остане да биде расчистено од него, појасни Петрушевски.
Петрушевски посочи дека тоа што господинот Кастриот Реџепи го напишал на ФБ не се знае дали е напишано со своја волја, тоа треба институциите да го утврдат.
-Во иницијативата пишува – „Изминатите пет години се доказ дека оваа Влада владее со конфликти и не оддалечува од ЕУ, само со една цел, а тоа е одбрана на криминалот и одбрана на политичките кариери и привилегиите кои безмилосно ги уживаат функционерите на власт на грбот на народот. Не се грижат ниту за државата, ниту за народот, ниту за приближувањето на државата кон ЕУ. Неуспехот на ова поле е разочарување и ги влече сите процеси назад“. Токму оддалечувањето на оваа Влада од европските процеси и приближување кон ЕУ е едно од најкрупните причини зошто ние впрочем ја поднесовме иницијативата. И знаејќи еве како што велеа од власта дека срцето на Кастриот Реџепи е во Брисел затоа и очекувавме неговата поддршка на оваа иницијатива за да ги забрзаме евроатланските процеси, укажа Петрушевски.
Петрушевски рече дека вториот дел од неговото образложување во кое што вели дека некој висок дипломат му посочил дека ќе сме добиеле датум за почеток на преговори е исто така сомнителен. Затоа што датум за преговори не добива ниту Зоран Заев, ниту Влада, туку добива држава. И кога Македонија ќе добие датум за почеток на преговори тоа ќе биде заслуга на сите влади до сега, а не само на оваа криминална влада која државата ја влече надолу. Петрушевски додаде дека го загрижува непостапувањето на МВР по овој случај.