Ерменските власти ја повикаа Москва да ја заштити суверената територија на земјата од нападите на азербејџанските трупи, изјави секретарот на Советот за безбедност на Ерменија Армен Григорјан за државната телевизија.
– Со оглед на тоа што беше извршен напад на суверена територија на Ерменија, според договорот од 1997 година, ја повикуваме Руската Федерација да го заштити територијалниот интегритет на Ерменија. Во моментов се подготвува и писмено барање, рече тој.
Григорјан истакна дека Ереван се потпира на Москва да обезбеди доволно воена помош доколку преговорите со Баку не успеат.
Во ноември, ситуацијата во Карабах и пограничните региони на Сјуникската област во Ерменија нагло се заостри. Двете страни редовно известуваат за вооружени инциденти, вклучувајќи и жртви. На 13 ноември, Ереван и Баку меѓусебно се обвинија за гранатирање воени позиции. Тензии избувнаа и во областите што ја поврзуваат Ерменија со Иран, кои по 9 ноември 2020 година потпаднаа под контрола на Баку, и каде беа распоредени руски гранични патроли за да обезбедат непречено движење на луѓе и возила. (МИА)