Занаетчиите се соочуваат со намалена побарувачка на занаетчиските производи и услуги, проблеми со одржување на ликвидноста на бизнисот, недостаток на финансии за исплата на плати и придонеси за вработените, преоптовареност со парафискални давачки и проблеми за опстанок во услови на криза од пандемијата со ковид-19, алармираат од Занаетчиската комора Скопје.
Потенцираат дека во моменти кога драстично се зголеми цената на репроматеријалите за пекарски производи (брашно, шеќер, зејтин, и др), стапи на сила и законската регулатива за забрана за користење на кеси за носење на стока согласно новиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување.
Секцијата на пекари при Занаетчиската комора Скопје со остра реакција за новонастанатата ситуација, и дополнителни финансиски трошоци кои ги имаат при набавка на хартиени кеси кои чинат 50% повеќе од набавката на многу лесните пластични кеси за носење на стока чијашто дебелина е пониска од 15 микрони, и кои претежно ги користеа за пакување на бурек и бели пецива во бурекџилниците. Исто така утринава ни стигнаа реакција од членовите на секцијата пекари дека освен што хартиените кеси се 50% поскапи и ги нема и се дефицитарни во моментов, истакна Анета Атанасовска од Занаетчиска комора Скопје.
Пекарите предлагаат измена на Правилникот и дозвола да се користат многу тенките кеси чија што дебелина е пониска од 15 микрони без да се наплатуваат од страна на потрошувачите, затоа што за тоа треба да вработат уште едно лице кое што треба да води евиденција на прилив од средства од кеси, што е навистина невозможно за мали занаетчиски дуќани како што се бурекџилниците.
Исто така предлагаат државата да го субвенционира трошокот за набавка на хартиени кеси за занаетчиите, за да можат финансиски да издржат за да ја почитуваат регулативата, во спротивно во овие и така тешки денови за секторот ќе следи затварање на многу занаетчиски бизниси затоа што е невозможно да се издржи овој финансиски товар.