Германија ветува дека ќе прими 25.000 Авганистанци од вкупно 40.000 прифатени од земјите-членки на ЕУ, кои се сметаат за најранливи по преземањето на Кабул од страна на талибанците, се вели во писмото на висок претставник на ЕУ.
Германија во 2015 година прими рекорден број бегалци, речиси 900.000, повеќето од нив дојдоа од Сирија, Авганистан и Ирак.
По увидот во документот, западни медиуми јавија дека еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон ги повикала земјите-членки да ги исполнат сите свои ветувања за преземање бегалци до 2022 година.
„Ранливите луѓе и ранливите бегалци чекаат да бидат преместени за да можат да започнат нов живот во безбедност и достоинство“, рече таа.
Според документот, покрај тоа што Германија презема 25.000 бегалци, Холандија се обврзала да прими повеќе од 3.100 чии животи во моментов се најзагрозени. Исто така, Франција и Шпанија ќе примат 2.500 Авганистанци, додека 2.000 ќе одат во Шведска. (МИА)