Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж е се поблиску до екстрадиција од Велика Британија во САД откако американската Влада денеска го доби случајот за екстрадиција во Лондон, јавува Би-Би-Си.
Високиот суд на Обединетото Кралство ја одобри жалбата на американската Влада на претходната одлука на понискиот Окружен суд да го одбие екстрадирањето на Асанж, отворајќи ја вратата за неговото евентуално судење на американска територија под обвинение за шпионажа.
Случајот сега повторно ќе биде вратен на понискиот суд, каде повторно ќе се расправа.
Окружниот суд во јануари го одби американското барање за екстрадиција, наведувајќи ја како причина неговата ранлива психичка состојба, но и можноста дека би можел да си го одземе животот доколку се најде во брутални затворски услови во САД, пренесува „Раша тудеј“.
Асанж се бара во САД поради објавување на илјадниците доверливи документи во аферата „Викиликс“ во 2010 и 2011 година. САД го обвинуваат Асанж за голем број злосторства поврзани со неговата комуникација со свиркачите, од кои најважна е Челзи Менинг, која дошла до доверливи материјали за американските војни во Ирак и Авганистан.
Доколку биде прогласен за виновен, на Асанж му се заканува затворска казна до 175 години.
Денешната одлука на судиите најверојатно нема да биде крај на случајот. Дојче Веле наведува дека страната која губи со ваквата одлуката ќе може да бара и конечна дозвола од Врховниот суд на Обединетото Кралство.
Асанж е во притвор од април 2019 година. Британските власти го извлекоа од амбасадата на Еквадор откако му беше одземено државјанството.
Поддржувачите на Асанж велат дека тој е прогонуван поради разоткривање на злосторствата на американската влада и нејзините сојузници, и дека земјите што го прогонуваат практично го обесхрабруваат истражувачкото новинарство на глобално ниво.