среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Претпоследен ден од собраниската расправа за Предлог-буџетот за 2022

Претпоследен ден од собраниската расправа за Предлог-буџетот за 2022

Во Собранието денеска е претпоследниот ден од расправата за Предлог-буџетот за 2022 година. Според Деловникот за работа, расправата за Предлог-буџетот на пленарна седница трае пет дена.

Во текот на изминатите денови, власта и опозицијата излегоа со спротиставени ставови. За власта, Предлог-буџетот има силна развојна компонента и со него ќе се забрза економскиот раст, ќе се обезбеди непречено функционирање на основните функции на државата и се дава поддршка на реформските процеси во правосудството и на евроинтеграциските процеси. Буџетот, како што посочија, е донесен низ транспарентен и инклузивен процес за што доказ е прифаќањето на 23 амандмани во вкупна вредност од околу 382 милиони денари од кои поголем дел од опозицијата.

Забелешките на опозицијата се дека се работи за мегаломански буџет во кој фиктивно се предвидени голем број капитални инвестиции, а граѓаните нема да добијат ништо за да се подобри нивното секојдневно живеење. Оценките на опозицијата се дека нема да се реализираат капиталните инвестиции за што, според нив, потврда е нивната слаба реализација во изминатите години, а забелешки имаат и на тоа дека намалени се средствата планирани за привлекување на странски инвестиции и дека не се планирани средства за аерозагадувањето. Според опозицијата, земјата е на последно место во регионот по повеќе економски параметри.

Од Алијанса на Албанците се изјаснија дека нема да дадат поддршка на Предлог-буџетот затоа што, според нив, приоритетите во Предлог-буџетот се нереални, има отсуство на транспаретност, загрижува нивото на јавниот долг и постојат причини поради кои може да не се реализира предвидената стапка на економски раст.

Вкупните расходи во Предлог-буџетот се планирани на 272,4 милијарди денари или 35,2 проценти од БДП, а вкупните приходи се планираат на ниво од 238,9 милијарди денари или 30,9 проценти од БДП. Дефицитот е проектиран на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3 проценти од БДП. Капиталните инвестиции се повисоки од буџетскиот дефицит и изнесуваат 37,8 милијарди денари, што е за околу 27 проценти повеќе во однос на 2021 година. Запазено е т.н. „златно правило во финансиите“, односно буџетскиот дефицит е помал од капиталните расходи.

Предлог-буџетот беше усвоен на 30 октомври од страна на Владата заради запазување на роковите за донесување, а поради изборниот молк, соопштението од владината прес-служба беше објавено на 1 ноември. Предлог-буџетот потоа беше доставен до Собранието каде помина низ десетдневна расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет и повторно вратен во Владата каде беа прифатени 23-те амандмани. Како дополнет Предлог-буџет е доставен до Собранието. Согласно законот, овој стратешки документ на државата треба да биде донесен најдоцна до 31 декември.

Најнови вести