четврток, 16. ноември 2023. Вести денес: 0
home Скопје

Ќе се уредува Кучково со амфитеатар и пешачки патеки, Ѓорче Петров добива и ново комунално возило – Стојкоски и Бесими го потпишаа договорот

Ќе се уредува Кучково со амфитеатар и пешачки патеки, Ѓорче Петров добива и ново комунално возило – Стојкоски и Бесими го потпишаа договорот

Локалитетот „Крст“ во Кучково добива амфитеатар, пешачки патеки, канделабри, хортикултурно уредување, а за Ѓорче Петров се набавува и комунално возило за зимско одржување на улици и патишта во општинските средини. Градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски и министерот за финансии, Фатмир Бесими го потпишаа договорот за реализација на проектот. Целта со уредувањето на локалитетот во Кучково е да стане место кое ќе може да се користи за едукативни и културни настани, но и за туристички цели.

– Со проектот ќе се уреди просторот од 5.456 квадратни, ќе има партерно уредување, ќе се изгради амфитеатар, платформи, ќе има монтажни тоалети, нови пешачки патеки и адаптација на постоечката, ќе се постават канделабри за осветлување, урбана опрема сосе велосипедски паркинзи. Сакаме локалитетот ‘Крст’ во Кучково да биде ново урбано катче, каде не само ѓорчепетровци, туку и скопјани ќе се собираат, спортуваат, едуцираат, рекреираат. Од ова придобивка ќе имаат и жителите, бидејќи го развиваме Ѓорче со уште повеќе можности, вели Стојкоски за проектот во Кучково.

Набавката на комуналното возило за зимско одржување на улиците и патиштата во руралните средини во Ѓорче Петров исто така ќе значи многу за сите жители.

– Станува збор за мултифункционално возило кое ќе може да се користи во текот на целата година за превоз на други материјали, зависно од потребите. Откако ќе го набавиме, ќе имаме и заштеди во делот на склучување договори за одржувања со компании по пат на тендери, посочи Стојкоски.

Средствата за набавката на возилото и уредувањето на Кучково се дел од неповратен грант, финансиран од Светска банка.