Вкупно 45 новинари и медиумски работници загинаа оваа година, извршувајќи ги своите работни задачи, а повеќето од нив ги загубија животите во Авганистан, соопшти денеска Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ).
ИФЈ, која претставува околу 600.000 медиумски професионалци низ светот, соопшти дека 45 новинари и медиумски работници биле убиени во 20 земји, од кои 33 загинале во целни напади.
Деветмина загинаа во Авганистан, осум во Мексико, четворица во Индија и тројца во соседен Пакистан.
Организацијата соопшти дека од 1991 година во светот биле убиени 2.721 новинар.
За потсетување, во 2020 година се регистрирани 65 смртни случаи.
– Овие 45 колеги кои ги загубивме во насилства оваа година, не потсетуваат на страшната жртва што новинарите во светот продолжуваат да ја плаќаат за служење на јавниот интерес, а ние им остануваме должни и на илјадници други кои платија највисока цена, истакна генералниот секретар на ИФЈ, Ентони Беленџер.
ИФЈ, исто така, наведува дека бројките во 2021 година го потврдуваат трендот дека медиумските работници најчесто се убиваат поради разоткривање на корупција, криминал и злоупотреба на моќта во нивните заедници, градови и земји.
Годинешната бројка е најниска во последните 30 години откако ИФЈ првпат почна да објавува годишни извештаи за новинари убиени во инциденти поврзани со нивната работа.