Подобри услови за работа и вистинско вреднување на трудот на возачите на автобуси. Ова го истакна директорот на јавното претпријатие Иван Илиевски на денот на обележување на 74 години од постоењето на ЈСП Скопје.
Проблемот со лицата кои повеќе години биле ангажирани преку привремени вработувања мора да се реши и да добијат статус на вработени на неопределено време. Трудот мора соодветно да се вреднува и ЈСП конечно да стане претпријатие каде што вработените ќе се горди дека се дел од него“, истакна Илиевски
За директорот на ЈСП Илиевски оваа година ќе биде година на опоравување на претпријатието што со години не е добро менаџирано.
Оваа година ќе се направи реорганизација и штедење на средствата. Ќе биде тешка година поради цените на енергенсите, но мора да успееме да направиме ова претпријатие конечно да биде вистински сервис на граѓаните. Проблемот е што минатите 4 години се таложеле долгови, а притоа никој не водел сметка за тоа како работи ЈСП. Затоа започнуваме со поставување на работите во систем што ќе функционира“, додаде директорот на ЈСП, Иван Илиевски.
На настанот присуствуваше и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, а по повод обележувањето на 74 години на ЈСП беа доделени награди и благодарници за стаж над 40 години на Весна Апостоловиќ, Ајтен Хазир, Трпе Костадиновски, Ванчо Стојчевиќ, Зоран Спасовски, Момчило Додевски и Душко Димовски.