Пратеничката Даниела Маркоска и СДСМ требаше да одржуваат прес-конференции кога нивниот градоначалник во Ѓорче Петров, Александар Наумоски со општински пари купуваше купишта алкохол, од ракии и уза до вина и пива, а општината ја оставија со долг од четири милиони евра. Маркоска манипулира со јавноста бидејќи оваа набавка, која е со рамковна спогодба, е предвидена во Планот за јавни набавки од страна на нивниот градоначалник и раководството кое СДСМ го постави во Ѓорче Петров. И најважното, овие пари не се потрошени, туку се предвидени, што значи дека ако не се набават продуктите, нема да се платат ниту парите, се вели во соопштението на Општина Ѓорче Петров.
-Чесно е СДСМ и Маркоска да кажат дека додека нивниот градоначалник раководеше со општина Ѓорче Петров се склучуваа договори вредни и по 941.994 денари односно над 15 илјади евра за истата намена. Со нив, се набавуваа од вотка, рум, узо, текили, жолти ракии, до разни видови вина и пива. Е ова класична злоупотреба на парите на ѓорчепетровци. Сите овие ставки се исфрлени, па благодарение на новото раководство на општината, повеќе нема да се набавува алкохол за правење фешти низ општината, туку само најнеопходни продукти за скромен пречек на гости. За чоколадите, ќе треба да го прашате вашиот градоначалник Александар Наумоски колку изел бидејќи ние не набавуваме, а чоколадни бомбони ќе ве послужиме ние за добредојде кога ќе дојдете со конструктивна критика или било какво решение за нашите жители. СДСМ треба да каже и дека нивниот поранешен градоначалник Наумоски, се обиде да се гоштева по кафеани на општинска и по неговото заминување. Фактурата која дојде до општината и беше вратена затоа што нема повеќе да се плаќаат туѓи гоштевања од парите на ѓорчепетровци. Исто така, СДСМ и Маркоска треба да се свесни и да им кажат на граѓаните дека по доаѓањето на новото раководство, веднаш се скратија сите непродуктивни трошоци кои нивниот поранешен градоначалник Наумоски си ги испланирал за патувања, цвеќиња, одржувања на возила, истакнуваат од општината.
Потенцираме, Општина Ѓорче Петров преку оглас склучи договор за набавка флаширани води, газирани и густи сокови, кафе, кафе и чаеви. Сумата од 6.000 евра која се споменува во јавноста не е потрошена, туку само на располагање доколку има потреба да се купат овие прозводи. Односно, истите нема да се исплатат на фирмите, ако нема потреба од овие продукти, додаваат од таму.