Ана Цветановска, Дардан Дехари и Ставре Јада се подготвени за претстојните Зимски Олимписки Игри Пекинг 2022. На денешната прес-конференција во Македонскиот Олимписки Комитет тие ја споделија својата возбуда и очекувања.
За Цветановска ова е првата олимпијада. Таа ќе настапи на 5-ти и 10-ти февруари, во крос канти во дисциплините 7,5 километри слободно плус 7,5 километри скијатлон, како и 10 километри класично – Ова е моја прва олимпијада на овие Зимски Олимписки Игри.
„Во текот на изминатите две години имам постигнато голем напредок и на настапот на 5-ти и 10-ти февруари ќе настапам на 15 километри скијатлон 7,5 класика и 7,5 скејт, слободен стил. Ќе го дадам својот максимум и на тој настап очекувам добар резултат со голема конкуренција.“ – изјави Цветановска.
Ставре Јада е вториот натпреварувач кој ќе се натпреварува во крос кантри во дисциплините спринт слободно 1,5 километри и 50 километри слободно. Јада своите настапи ќе ги има на 8-ми и 19-ти февруари. За него ова е втора Олимпијада.
„Подготовките од почетокот на април оваа година протекоа во најдобар можен план, по програмата на мојот личен тренер Борче Јовановски. И за разлика од оние резултати во Пјонгјанг 2018 година, се надевам на далеку подобар резултат на овие Олимписки игри во Пекинг. Ќе настапам на два натпревари, во две трки, на 8-ми февруари во спринт, и потоа на 19-ти февруари на 50 километри каде што одам со една цел, да имам што помалку заостанување и да станам првиот македонски нордиски скијач што успеал да заврши 50 километри на една олимпијада.“ – посочи Јада.
Нивниот тренер, Борче Јовановски сподели дека е задоволен од неговите натпреварувачи кои се 10 години вклучени во програма.
– Овие две години, кои што беа олимписки, искористивме максимално, натпреварувачите се подготвени, ги завршивме последните подготовки во Италија. Се надевам дека натпреварувачите во нордиско скијање ќе дадат максимум од себе, дека ќе се претставиме добро на Олимписките игри во Пекинг, и ќе оствариме добри резултати, како лични, така и национални, посочи Јовановски.
Дардан Дехари ќе настапи во слалом на 13-ти февруари и во велеслалом на 16-ти февруари и, како што рече „мислам дека гордо ќе се вратиме од Олимписките игри“
– Ова ќе биде мојата прва олимпијада како натпреварувач. Се надевам дека сè ќе оди според планот направен заедно со тренерот. Мислам дека оваа година многу добро извежбавме, имавме солидна сезона, како тренинзите, така и натпреварите. Се надевам и ќе дадам сè од себе за да на Олимписките игри извадиме што подобар можен резултат како во дисциплината велеслалом и дисциплината слалом, во која што сум подобар и имам подобар резултат, кажа Дехари.
Неговиот тренер, Антонио Ристевски, кој до неодамна беше спаринг партнер на Дардан, сподели дека моментално се во добра натпреварувачка форма.
– Моментално сме во добра натпреварувачка форма, тоа можат да го потврдат и резултатите последниот месец кои ги остваривме и со кои ја потврдивме нормата и учеството на овие Олимписки игри. Од самиот
настап очекувам Дардан, пред сè, да го покаже тоа што го знае и умее, за тоа што сме подготвени, за тоа што сме работеле, а резултатот ќе си дојде самиот по себе, рече тој.
Дополни дека не би прејудицирал со никаков резултат и очекување бидејќи, како што рече, „сепак треба да видиме што ќе нè очекува таму“. Дополнувајќи дека како тренер би бил најсреќен кога Дардан би го постигнал подобриот резултат од тоа што тој го има постигнато на Олимписките игри.
Македонското знаме на церемонијата на отворање на Зимските Олимписки игри Пекинг 2022 ќе го носат Цветановска и Дехари. Олимписката делегација ќе замине за Пекинг на 30 јануари, а ќе ја предводи спортскиот директор на Македонскиот Олимписки Комитет, Владимир Богоевски.
– Ние како Олимписки Комитет направивме сè овие спортисти да бидат што подобро спремни да го исполнат оној план и програма што го имаа поставено од нивните тренери, и да не заборавиме дека тројца наши скијачи имаа доста високи стипендии од 1 500 долари месечно, и дури на крај, кога знаевме дека и Дардан оди на Олимпијада, за него посебно обезбедивме надоместок за да може да ги спроведе тие посебни подготовки од 300 илјади денари, рече Богоевски.
Богоевски информираше дека патувањето и сместувањето во Пекинг е обезбедено од МОК, а покрај натпреварувачите и нивните тренери, во тимот што ќе патува ќе биде и тој, како и лекарот Љубомир Богдановиќ.