Власта крајно нетранспарентно води преговори со Бугарија и не и кажува на јавноста што содржи пакетот одговори, ниту пак каков е ставот во однос на јазикот, историјата, ликот и делото на Гоце Делчев и останатите револуционери и други идентитетски теми, ова денеска преку соопштение до јавноста го истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
-Тоа е крајно скандалозно. Штом ги нема официјалните документи на увид на јавноста, тоа остава сомнеж дека се подготвува нов пазар со националните и државните интереси. Ако власта е подготвена не само декларативно, туку и со дела да покаже дека го почитува ликот и делото на Гоце делчев и неговото значење за револуционерната борба за македонска државност, тогаш треба да ја поддржи Декларацијата која пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја достави до Собранието на Република Македонија. На тој начин ќе се покаже сплотеност околу неспорниот македонски деец и водач во ослободувањето на Македонија и идејата за самостојна Република Македонија, но и значи одговор на негаторските ставови по однос на македонската историја и борба за државност, велат од партијата.
Од таму додаваат дека декларацијата базирана на европските принципи е во насока на достојно почитување, прославување и одбележување на дострелите на нашите предци во минатото, можат дополнително да ги зајакнат демократските темели на државата и на општеството. Во исто време повикува на институционално и општествено вреднување на делото на Гоце Делчев во годината кога се одбележуваат 150 години од неговото раѓање.