На 50-годишна возраст почина Весна Најдоска, професионален возач во ЈСП, а пријателите и колегите на социјалните мрежи се простуваат од неа. Пораките кои ги оставаат блиските сведочат за неа како прекрасна жена, но и неверојатен возач, која големиот дел од животот го минала зад воланот на автобусот.
Синот на Весна, Мартин, за „Фокус“ открива дека неговата мајка ја имала љубовта кон возењето од млади години. Аплицирала за возач на автобус во ЈСП уште на свои 22 години, но била одбиена.
Кога ја виделе, млада, на околу 22 – 23 години, плус и женско, во тоа време, ја одбиле. Но љубовта кон возењето и останала, па таа подоцна пак аплицираше и беше примена на работа како возач. Мајка ми е помеѓу првите жени возачи во ЈСП. Има многу анегдоти од нејзината работа. На почеток, кога ќе ја виделе патниците, некои од нив дури и не се качувале во автобусот, бидејќи се плашеле. „Ај леле, женско ли ќе нè вози“, викале, но потоа, со тек на време, кога ја запознале и увиделе дека е одличен возач, без проблем влегувале во автобус, дури и штом ќе ја виделе, знаеле да кажат „Ах, еве иде Шумахер“, се присетува синот на Весна.
Најдеска во 2011 година ги урна стереотипите за жени-шофери и како единствена претставничка од понежниот пол меѓу 120 пријавени возачи, го освои вицешампионското место на европското првенство за вешто возење автобуси во Софија.