ВМРО-ДПМНЕ е крајно изненадена од молкот на Владата на Република Македонија во врска со потегот на претседателот на Владата на соседна Бугарија, г. Кирил Петков кој фотографијата од трилатералната средба со секретарот за надворешни работи на САД, на која учествуваше и премиерот Димитар Ковачевски, ја прикажа како билатерална, грубо тргнувајќи го ликот на македонскиот премиер од фотографијата, велат од партијата.
Со оглед на карактерот на оваа важна средба за двете држави, како и со оглед на најавите на СДСМ за новите ветришта во односите со соседна Бугарија, ваквиот потег на премиерот Петков во однос на македонскиот премиер, не претставува само акт на понижување на лицето Димитар Ковачевски, што не е наш проблем, туку директно девалвирање на нашата држава за што сме принудени да реагираме, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Развивањето на билатералните односи со сите соседи, како и унапредувањето на стратешкото партнерство со САД, другите сојузници и НАТО во целина за ВМРО-ДПМНЕ претставува врвен приоритет.
-Оттаму, ваквите потези, како и молкот на Ковачевски во оваа смисла, сметаме дека не придонесуваат на ниту еден начин за рамноправен и искрен напредок во соработката на двете соседни држави. Новите ветришта на пријателство кое владата ги најавуваше го оддуваа Ковачевски од фотографијата сo Петков, стои во соопштението.