Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски, денеска од собраниската говорница на седницата за разрешување на пратеникот Фадил Зендели од член на Комисијата за избори и именувања, порача дека за власта предводена од СДСМ и ДУИ по секоја цена па дури и на сила сака да го партизира Уставниот суд, па затоа така цврсто се решени да разрешат пратеникот кој до пред извесно време беше дел од нивната коалиција.
-За СДСМ најбитно е да се разреши Фадил Зендели за да си изберат уставни судии. Ако навистина имаа предлог за судии кои имаат кредибилитет, авторитет или биографија со тежина, не ќе можеше ниту Фадил Зендели ниту пак било кој друг член од опозицијата да го оспори тој избор, туку ќе беше принуден да го потврди. Меѓутоа, очигледно е дека власта има сосема друга намера, а тоа е да го партизира Уставниот суд по примерот на изборот на претседател на Уставниот суд во ликот и делото на Добрила Кацарска, рече Петрушевски од собраниската говорница.
Пратеникот Петрушевски меѓу другото им порача на пратениците од парламентарното мнозинство дека поради ваквата дрскост и поради ваквото донесување на сила одлуки во Собранието ќе продолжат да губат во сите наредни изборни циклуси.