сабота, 2. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Герхард Шредер обвинет за кршење на права поради врски со Русија

Герхард Шредер обвинет за кршење на права поради врски со Русија

Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер ќе се соочи со судење поради неговите блиски врски со руската Влада, соопштија германските правосудни власти.

Обвинителството во Хановер потврди дека поднело барање до федералниот обвинител во Карлсруе, каде се наоѓа германскиот Уставен суд, да ја истражи жалбата против неколку лица, меѓу кои и Шредер.

Карлсруе ќе треба да одлучи дали ќе почне истрага за обвиненија поврзани со човекови права. Жалбата се однесува на наводни „злосторства против човештвото“.

Шредер се најде под притисок поради неговите блиски врски со Москва и неговото пријателство со рускиот претседател Владимир Путин.

Германскиот канцелар Олаф Шолц минатата недела побара од Шредер да поднесе оставка од неговите позиции во руските државни компании.

Шредер (77), кој беше канцелар на Германија од 1998 до 2005 година и член на социјалдемократите, исто како и сегашниот канцелар Шолц, важи за долгогодишен пријател на рускиот претседател Владимир Путин, што доведе до многу критики во Германија, особено откако Русија ја нападна Украина.

Шредер е претседател на надзорниот одбор на руската државна енергетска компанија „Роснефт“ и има водечки позиции во контроверзните проекти на гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“, кои имаат за цел рускиот гас директно да го доставуваат до Германија, заобиколувајќи ја Украина. Тој треба да ја преземе функцијата и во Надзорниот одбор на Гаспром, руска мултинационална енергетска корпорација во мнозинска државна сопственост.

– Мојот совет до Герхард Шредер е да поднесе оставка од тие функции, изјави Шолц за телевизијата ЗДФ, пренесува германската новинска агенција ДПА. Шолц нагласи дека врските на Шредер со руски компании не се приватна работа, бидејќи тој е поранешен канцелар.

И лидерите на германските социјалдемократи, Ларс Клингбеил и Саскија Ескен, минатата недела соопштија дека напишале писмо во кое го повикуваат Шредер да поднесе оставка од своите позиции во руските државни компании.