По повод одбележувањето на Светскиот ден на лицата со Даунов синдром, претседателот Пендаровски ја упати следнава порака:
Светскиот ден на лицата со Даунов синдром, 21-от ден од третиот месец, како симбол за трите копии на 21-от хромозом што ги носат лицата со Даунов синдром, е само еден од низата поводи кој нè потсетува што сме направиле за лицата кои живеат со оваа состојба и кои се идните чекори кои треба да ги преземеме за обезбедување на нивен рамноправен и квалитетен живот.
Уверен сум дека со континуирано подигање на јавната свест и јакнење на инклузивните услуги, можеме да им овозможиме на нашите сограѓани со Даунов синдром да имаат исполнет живот, базиран врз еднаквост и недискриминација.
Да ги напуштиме стереотипите, да се фокусираме на функционалноста и развојот на вештините на лицата со Даунов синдром, со цел да им дадеме простор во нашето заедничко општество.
Со цел непречено интегрирање на лицата со Даунов синдром во целокупното општество, потребна ни е планирана и координирана реализација на активностите на сите засегнати страни: државните институции, здравствените установи, образовните институции, социјалните центри и граѓанските организации.
Изразувам безрезервна поддршка на сите родители и семејства на лицата со Даунов синдром, и благодарност до сите институции и поединци кои се вклучени во нивниот едукативен процес, медицинска нега и социјална заштита.
Нашиот однос кон лицата со попреченост е уште еден тест на декларативните заложби за изградба на инклузивно општество во кое подеднакво се уживаат човековите слободи и права, се вели во пораката на Пендаровски.