Скопската противпожарна бригада интервенира на три активни пожари во скопското подрачје.
Според информациите од командирот Ѕвонко Томевски денеска покрај интервенцијата со автобусот на ЈСП, нивни екипи биле испратени и на три други локации речиси истовремено.
-Во Мралино има пријава за опожарена сува трева и трска. Пријавата ја добивме од авиосообраќајот бидејќи воздухоплови биле попречени во летањето поради густиот чад. Се интервенира со едно возило и четворица пожарникари. Речиси во исто време имаше пријава за пожар во Расадник во Кисела Вода каде гори сува трева и грмушки. На терен беше едно возило и тројца пожарникари, вели за Курир Томевски.
Третиот пожар е во Зелениково, а опожарена според првичните сознанија е поголема површина сува трева. Томевски вели се интервенира со едно возило и тројца пожарникари.
Командирот додава и дека во текот на вчерашниот ден имале 14 интервенции. За овој период од годината Томевски вели дека се многу и се чини дека веќе започнала сезоната на пожари.