Украинската тенисерка Елина Свитолина планира да паузира од тенисот поради физички и психички стрес предизвикан од повредите и руската инвазија на родната Украина.
Свитолина, рангирана на 20. место на ВТА листа, обелодени дека се борела со повреда на грбот која влијаела на нејзините подготовки за турнирите и на последните два од нив беше елиминирана веќе во првото коло.
-Долго се мачам со грбот, болките не ми дозволуваа што подобро да се подготвувам за турнирите, изјави 27-годишната Свитолина, која на Олимписките игри во Токио го освои бронзениот медал.
-Сега моето тело веќе не може да издржи и морам да се одморам, па со тага најавувам дека ќе го пропуштам Фед купот и некои од моите најомилени турнири во Европа. Но, сигурна сум дека ќе се вратам и се гледаме наскоро, порача украинската тенисерка, која во својата кариера има освоено 16 титули. (МИА)