Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, заедно со градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски и директорот на ЈП Паркови и зеленило, Ангеле Сотировски, денеска го пуштија во употреба целосно обновениот парк „Скулптура“ на улицата 16-та Македонска бригада во населбата Автокоманда.
– Граѓаните на Автокоманда добија обновен парк “Склуптура“ во населбата Автокоманда во вкупна површина од 4. 200 квадратни метри, со нови тревници, урбана опрема и ново осветлување, место каде ќе можат да го минуваат слободното време и да се рекреираат, истакна градоначалничката Арсовска.
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски се заблагодари на градоначалничката Арсовска, за брзото обновување на паркот и истакна дека подигнувањето на зелените појаси и нивното обновување на територија на општината е од исклучително значење за илјадници граѓани од овој дел од општината кои сега имаат убаво среден парк.
– При уредувањето на паркот се направени повеќе интервенции на целата вегетација, нанесена е високо квалитетна почва, формиран е тревник со систем за полевање капка по капка, хидранти и прскалки, со што ќе се овозможи континуирано одржување на зеленилото во паркот, истакна директорот на ЈП Паркови и зеленило, Сотировски.