Македонската машка ракометна репрезентација со реми се враќа од гостувањето кај Чешка во првиот бараж натпревар за пласман на Светското првенство, водевме и седум разлика, но на крајот мечот заврши 24-24.
Нашите ракометари одлично отворија, поведовме со 5-1, потоа Чешка воспостави некаква рамнотежа, но ние го диктиравме резултатот. На одморот заминавме со предност од 13-10.
Во вториот дел тргнавме со серија од 4-0, поведовме со 17-10, тука ги имавме највисоките 7+, имавме и 22-16, а потоа следуваше голем пад. Голманот Мрква редеше одбрани, а Чешка ја намалуваше негативата, на крајот успеаа да се спасат од пораз, конечниот резултат беше 24-24.
Играч на натпреварот беше голманот на Чешка, Мрква кој имаше 16 интервенции, Митревски имаше десет одбрани. Најдобар стрелец на Македонија беше Талески со пет голови, Лазаров и Георгиевски постигнаа по четири.
Патникот на Светското првенство ќе биде решен во недела кога двете селекции го играат реваншот во салата „Борис Трајковски“.