четврток, 16. ноември 2023. Вести денес: 0
home Скопје

КУРИР ИНТЕРВЈУ со Стефковски: Функцијата градоначалник за мене е предизвик да му служам на народот, а не можност за лични привилегии!

КУРИР ИНТЕРВЈУ со Стефковски: Функцијата градоначалник за мене е предизвик да му служам на народот, а не можност за лични привилегии!

КУРИР направи и објавува интервју со Бобан Стефковски, градоначалник на општина Гази Баба.

Скоро половина година сте градоначалник на општина Гази Баба. Што е она со што може да се пофалите за изминатата половина година?

-Точно, помина половина година од денот кога ја превземав должноста градоначалник на општина Гази Баба. Велам должност, бидејќи позицијата градоначалник за мене не преставува желба за функција и моќ туку голема одговорност ветеното да го реализираме и општината да ја направиме подобро место за живеење. Од првиот ден на мојот мандат заедно со луѓето од општинската администрација работиме макотрпно и се бориме со времето со цел да реализираме проект повеќе.

Изминатите месеци реализиравме доста проекти. Ја започнавме и завршивме првата фаза на фекалната канализација во Страчинци, ја завршивме првата фаза на фекалната канализација во Црешево, втората фаза на фекалната канализација во Гоце Делчев, продолживме со градба и на канализационите системи во Смилковци и Јурумлери. Ја започнавме втората фаза на изградбата на училишната спортска сала во Стајковци,а целосно ја реконструиравме училишната сала во Железара.

Доделивме субвенции на граѓаните за инвертер клима уреди, а во тек се повици за субвенционирање на граѓаните за прв пат во општина Гази Баба за велосипеди и електрични тротинети, а ќе следат и субвенции за чистење на оџаци и вградување на уреди за течен нафтен гас на автомобилите. Асфалтиравме локални улици во должина од над 2000 метри, изградивме пешачки патеки со павер елементи во должина од над 3500 метри, реконструиравме неколку спортски игралишта, засадивме над 4000 нови садници, започнавме изградба на првиот мултифункционален парк на површина од 2000 метри квадратни и голем број на други проекти.

Едноставно овој период од шест месеци е вистински показател дека и во општина Гази Баба можело да биде поинаку, односно да се работи чесно и домаќински.

Неодамна објавивте дека сте направиле ребаланс на буџетот на општината. На што точно се однесува менувањето на средствата во буџетот?

-Предложив на Советот на општина Гази Баба да направиме ребаланс на буџетот со цел насочување на најголем дел од средствата во буџетот за реализација на капитални проекти во општината, бидејќи се што ќе направиме е залудно доколку не се зафатиме со решавање на клучните проблеми со кои се соочуваат нашите граѓани.

Па така со ребалансот на буџетот определивме нови 12.000.000 денари за реконструкција на локални улици со што оваа година од буџетот на општината обезбедени се околу 40.000.000 денари за реконструкција и ревитализација на локални улици, обезбедивме средства за продолжување на изградбата на канализационите системи во Гоце Делчев, Црешево, Јурумлери, Смилковци, Трубарево и Чукур маало, предвидовме средства за нова бушотина за вода во Раштак, 9.000.000 денари за целосна изградба на училишната сала во Стајковци со што учениците во новата учебна година ќе влезат со нова училишна сала, обезбедивме средства како никогаш досега во историјата на општина Гази Баба за изградба на две нови детски градинки од сопствено финансирање, како и средства за комплетно нова училишна спортска сала во Булачани.

Обезбедени се средства и за нови игралишта со тартан подлога, игралишта со вештачка трева, детски забавни игралишта и за прв пат во општината ќе се изградат нови фитнес зони на отворено и голем број на други проекти. Едноставно ќе се инвестира во секое населено место, нема да има повеќе заборавени населени места.

Велите две нови детски градинки со финансии од буџетот на општината. Можете ли да ни откриете на кои локации би се изградиле тие и дали во општината постојат плански документации и проекти за нив?

-Она што со жалење можам да го соопштам на читателите е дека во рамки на општината изминатите четири години не е направен ниту еден проект за изградба на нови детски градинки. Изминатиот период дадов налог на општинската администрација и веќе дел од фазите се завршени за подготовка на урбанистичко планска документација и проекти за изградба на детски градинки во Керамидница и Трубарево.

Ако продолжи оваа динамика на подготовка на документацијата и не се соочиме со сериозни проблеми, убеден сум дека до крајот на годината ќе започнат со изградба и двете нови детски градинки.

Често знаете да кажете дека заштитата на животната средина се наоѓа на врвот на вашите приоритети. Што е она што досега го направивте, но и што следува на тој план?

Заштитата на животната средина е на врвот на моите приоритети и таму ќе остане во текот на целиот мандат. Во овие шест месеци од мојот мандат можам со госрдост да кажам дека посветено работевме на полето на животната средина и дека тоа ќе биде така и во иднина. Граѓаните на општина Гази Баба не забораваат дека пред моето доаѓање во општината беше започната постапка за отворање на нова тешка загадувачка индустрија за хемиски третман на отпад во делот на Железара која постапка во првата недела од мојот мандат со решение ја запрев и излегов пред граѓаните со изјава дека додека сум јас градоначалник на општина Гази Баба нема да дозволам да се изгради нова загадувачка индустрија на ниту еден метар квадратен.

Пред само еден месец во соработка со невладини и општествено одговорни организации засадивме 3000 нови садници на ерозивно подрачје во Раштак, а пред таа акција во неколку други засадивме дополнителни над 1000 садници што значи дека за само шест месеци се засадени над 4000 нови садници, исчистивме над 60 диви депонии на јавни површини,  кажав претходно ги зголемивме двојно средствата за субвенции за инвертер клима уреди и воведовме нови субвенции за прв пат во општината. Во иднина ќе изработиме нов реален катастар на загадувачи кој ќе биде наша водилка во борбата против загадувањето на амбиенталниот воздух, нов катастар на зеленило кој ќе биде водилка во следните акции за подигање на нови зелени површини и засадување на илјадници нови садници.

Во соработка со Градот Скопје целосно го реконструиравме паркот Склуптура во Автокоманда кој е на површина од над 4000 метри квадратни со целосна обнова на зеленилото, а дополнително и најголем дел од новиот мултифункционален парк во Триангла ќе биде нова зелена површина. Компромис со заштитата на животната средина немам намера да правам, бидејќи сум татко на две малолетни деца кои живеат и треба да останат да живеат на територија на општина Гази Баба.

Најавувавте голема пролетна градежна офанзива, што се опфаќа најавената градежна офанзива?

-Да, најавив и веќе е во тек големата пролетна градежна офанзива во општина Гази Баба која значи дека Гази Баба ја живее својата обнова. Се гради втората фаза на спортската сала во Стајковци, се гради втората а наскоро ќе започне и третата фаза на фекалната канализација во Гоце Делчев. За некој ден од денес започнува и акција на асфалтирање на над 30 локални улици, се градат приклучоци на фекалната канализација во Смилковци која влегува во завршна фаза. Наскоро ќе започнеме со градба и на новата училишна сала во Булачани. Во завршната фаза е новата воводовна линија во Раштак и поврзувањето на новата бушотина со бунарите, а ќе започнеме и со градежни работи за подобрување на водоснабдувањето и на Брњарци. Едноставно имаме визија, работиме по план и програма. Се инвестира во сите области на општественото живеење.

На последната седница на Советот на општината изјавивте дека нема веќе тендер – градоначалник во Гази Баба. На што се однесува оваа ваша изјава?

-Да, тоа го кажав во одговор кон еден советник од опозициската советничка група на предложената точка за предавање на надлежноста за управување со јавното училно осветлување на Јавното комунално претпријатие Гази Баба. Мојата изјава дека нема веќе тендер – градоначалник во Гази Баба се однесува на тоа дека никогаш повеќе во иднина граѓаните нема да имаат можност да видат и слушнат дека за период од три месеци во Гази Баба се потрошени 11.000.000 денари за улично осветлување нешто што е невозможно, а за жал се случувало. Работиме одговорно, чесно, посветено и домаќински и така и ќе продолжиме.

Го споменавте ЈКП Гази Баба. Какви се плановите со ова комунално претпријатие во иднина?

-Изминатиот период е доказ дека ЈКП Гази Баба прераснува во вистински сервис на граѓаните. Овие шест месеци од мојот мандат инвестиравме во ЈКП Гази Баба. Набавивме 6 нови контејнери за кабаст отпад и камион специјализиран за нивно подигање, нов два тонски ваљак за тампонирање на улици, машина за фарбање на пешачки премини, камион мерцедес, а отворивме и нова работилница со најсовремен алат. Плановите се ЈКП Гази Баба во иднина да прерасне во едно големо оддржливо јавно претпријатие, а тоа ќе се случи бидејќи имаме развојна програма во која во неколку години последователно ќе се инвестира во механизација, а истовремено и во човечкиот потенцијал.

Велите работиме чесно, одговорно, посветено и домаќински. Дали сеуште стоите на одлуката за некористење на буџетски средства за репрезентација и некористење на општинско службено возило?

-Секако дека стојам бидејќи за мене вредноста во политиката не е во она што политичарите ќе кажат за време на изборната кампања, туку во она што ќе го практикуваат по добиената доверба по завршување на изборите. Кажав и од тоа не отстапувам. Градоначалничките обврски ги извршувам со моето приватно возило, а средства за репрезентација наменети за градоначалникот во општина Гази Баба нема, бидејќи тоа конто во буџетот не се предвидени финансиски средства. Функцијата градоначалник за мене е предвизник да му служам на народот, а не можност за лични привилегии и користење на државни ресурси, посочи градоначалникот.