Русија соопшти дека го напушта Советот на државите од Балтичкото Море поради зголемените тензии со Западот поради офанзивата на Москва во Украина.
Организацијата е политички форум за регионална соработка, кој обединува 11 земји-членки меѓу кои Германија, Финска и Норвешка, како и Европската Унија.
Министерство за надворешни работи во Москва соопшти дека организацијата станува „инструмент на антируската политика“ и „сè повеќе тоне во русофобија и лаги“.
„Сметаме дека натамошното присуство на нашата земја во Советот е несоодветно и контрапродуктивно“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.
Москва информира дека организацијата планира да одржи состанок во Норвешка на 25 мај без учество на Русија.
И покрај напуштањето на Советот, Русија соопшти дека ќе продолжи да биде присутна во балтичкиот регион.
„Обидите да се истурка нашата земја од Балтикот се осудени на неуспех“, соопшти Министерството.