Словенија го поддржува влезот на Хрватска во Шенген зоната, изјави денеска идната словенечка министерка за надворешни работи Тања Фајон, но предупреди дека консензус за тоа во Европската унија ќе биде тешко да се постигне пред шенгенската реформа.
„Словенија го поддржува Шенгенското проширување со Хрватска, Романија и Бугарија, но ќе биде тешко да се постигне политички договор“, рече Фајон, одговарајќи на прашања на словенечките пратеници пред парламентарната Комисија за надворешна политика.
Според неа, причината е „недовербата“ меѓу членките на Шенген зоната што дојде по големата миграциска криза од 2015-2016 година.
Таа смета дека пет земји-членки на Шенген, меѓу кои и Австрија, сè уште вршат засилени контроли со соседните шенгенски држави.
„Додека не го обновиме, не го реформираме Шенген, мислам дека проширувањето со три нови држави е загрозено. Прво треба да изградиме силна доверба меѓу членките“, рече Фајон. (МИА)