Според оценката на раководителите на деловните субјекти, индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во мај 2022 година е зголемен за 0.2 процентни поени во однос на април и изнесува 13.4, а во однос на мај 2021 година е намален за 1.4 процентни поени, соопшти Државниот завод за статистика.
Состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во мај 2022, во однос на април 2022 година е поповолна, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се поповолни во однос на претходниот месец, а залихите на готовите производи се зголемени.
Оценката за економската состојба на деловните субјекти во мај 2022 година е понеповолна во однос на претходниот месец, а понеповолна и во однос на мај 2021 година. Се очекува бројот на вработените да се намали.
Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во мај 2022 година изнесува 65.4 % од нормалното искористување.
Најголемо влијание врз ограничувањето на обемот на производството имаат следните фактори: недостигот на квалификувана работна сила со 20.1%, недоволната странска побарувачка со 17.9 %, неизвесното економско опкружување со 14.2 % и недоволната домашна побарувачка со 12.2%.